ПОРАКА ОД ГЛАВНИОТ ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР

Почитувани акционери, клиенти, драги колеги, пријатели,

Зад нас оставивме навистина тешка година која го погоди целиот свет.

Ситуацијата која на глобално ниво го разниша најважното – здравјето и слободата на движење, реално, нè погоди сите.

Пандемијата со Ковид-19 го обележа новиот тек на функционирање на граѓаните, на компаниите,  на државите ...

Во ваква ситуација, соодветно на одговорноста што мора да ја има секој поединец, секоја компанија, Халкбанк АД Скопје се потруди да одговори со ургентно донесени мерки, како за државата, така и за населението и за стопанството во насока на олеснување на состојбата.

Нашето мото „Важни се луѓето“ кое е и основа на нашето работење, подразбира грижа за вработените, грижа за нашите клиенти и деловни партнери и грижа за заедницата во која работиме. Оваа парадигма го обележа нашето делување и во 2020 година.

Плановите кои ги имавме зацртано пред почетокот на годината, успеавме експресно да ги адаптираме и да ја насочиме нашата севкупна енергија кон подобрување на состојбата која го пресретна нашето општо нормално живеење. Секако, најважно беше уште на самиот старт да го преземеме првиот чекор кон тоа да ги осигураме нашите вработени дека се безбедни, дека нивното здравје и благосостојба се во примарниот фокус на банката.

Напоредно, оваа сигурност, поддршка и стабилност ја насочивме и кон клиентите и државата.  Предвремено ги подмиривме обврските за данок на добивка; во најбрз рок понудивме одложување на кредитните изложувања на граѓаните во период од шест месеци; презедовме пакет мерки за одложување на обврските за правните лица; одобрувавме дополнително кредитирање за поголема ликвидност на стопанството; понудивме поповолни кредитни производи за граѓаните; ги олеснивме и промовиравме електронските услуги на банката. Но, притоа дадовме уште позначаен придонес и кон заедницата, како поддршка на културата, спортот и секако заштитата на природата што е еден од нашите главни белези како банка. Општествената одговорност беше насочена кон справување со кризата, но, ни малку не ја запоставивме нашата ориентираност и кон редовните општествени проекти кои ги поддржуваме низ годините на нашето делување.

Сосем второстепено во смисла на важност на реализација на нашите цели во ваква година, но сепак исклучително важно да се истакне, е дека годинава забележавме и одлични бизнис резултати од работењето, многу подобри од проектираните.

Изминатата 2020 година ја завршивме со актива од над милијарда евра, односно со раст од 14% во однос на крајот на претходната година, која ја завршивме со вкупна актива од околу 934 милиони евра. Според проекциите за 2020 година, нашиот план беше раст на активата од 11 отсто. Притоа, со докапитализацијата што со стартот на кризата ја изврши нашиот единствен акционер, Халкбанк АШ Турција во висина од 20 милиони евра, нашите сопствени средства во првата половина од годината достигнаа 140 милиони евра.

И во вака кризна година успеавме да остваривме раст и кај кредитирањето и кај депозитната база, поголем од проектираното, а разбирливо, голем раст имаме и во користењето на дигиталните канали. Проекциите за 2020 година предвидуваа пораст на вкупните кредити и на депозити од околу 12 отсто. Сепак, вкупните кредити  достигнаа пораст од 14,10% во однос на декември минатата година, односно во апсолутен износ, растот на кредитирањето е за околу 101,2 милиони евра.

Најголем раст од дури 23% имаме во кредитирањето на населението. Од почетокот на годинава, заклучно со 31.12.2020 година, во овој сегмент имаме одобрено 10 088 кредити во вкупен износ од над 130 милиони евра. Халкбанк АД Скопје оваа 2020 година, исплати над 1100 станбени кредити во вкупен износ од 48,6 милиони евра. Раст имаме и во делот на депозитите, така што нашата депозитна база на крајот на декември во однос на крајот на 2019 година е зголемена за 155 милиони евра, што претставува раст од 18,63 отсто. Од почетокот на годината имаме над 20% раст и над 9 000 нови корисници на електронско банкарство кои секојдневно ги завршуваат брзо и лесно своите плаќања.

Ваквите показатели во работењето се потврда дека сме сериозен, стабилен и лојален партнер на граѓаните, стопанството и генерално на целото општество во нашата земја.

Наша цел за оваа, се надевам попредвидлива година, ќе биде да го искористиме стекнатото искуство од изминатата, како соодветна основа за успешно и брзо делување, за инвестирање во заедничкото добро и за нагорно поместување на границите во економски раст и просперитет.

Корпоративно сме и ќе бидеме насочени кон тоа да го јакнеме брендот Халкбанк во земјава и да бидеме една од најуспешните компании во државата кои делуваат пред сè според човечки, па потоа според бизнис вредности.

Со почит,

Д-р Билал Суџубаши
Главен извршен директор

Copyright 2014 HALKBANK АД Скопје. Сите права задржани.